Светител за следење

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 05.01.2018 г. Св. Наум Охридски Попова Шапка

Светител за следење

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Почитувана е пред Господа смртта на Неговите преподобни...


 

Драги браќа и сестри,

Денес дојдовме во овој манастирски храм да го воспееме и прославиме Светиот преподобен отец наш Наум, Охридскиот чудотворец. Дојдовме со посебна цел на ова свето место, во ова тивко манастирско пристаниште, кое е светило, кое се наоѓа на врв планина, кое свети и го осветува секој човек, кој доаѓа во него – „ дојдовме сите празникољупци да се поклониме на преславниот Наума – почитуваното засолниште на Духот да го овенчаме, просејќи разрешување на прегрешенијата“ . Вака соборно собрани, прославувајќи го споменот на нашиот голем чудотворец и застапник пред Божјиот престол, ние сведочиме дека неговата смрт навистина е почитувана пред Господа.

Почитувани верници,

Свети Наум живеел во втората половина на IX век, а својот животен пат го завршил на самиот почеток на X век. Од своите учители научил како да Му служи сеодано на Бога, како да го проповеда, но и да го живее Евангелието, како да им помага на луѓето. По смртта на светиот Кирил (+869), заедно со неговиот брат и ученици, свети Наум од Рим бил во Панонија, каде што учествувал во организирањето на првата словенска црква. Но набрзо, по упокојувањето на свети Методиј (+885), учениците, предводени од свети Климент и свети Наум, го почувствувале непријателството на противниците на словенскиот јазик, и биле протерани од средноевропските словенски земји. Свое прибежиште и плодна почва за делување и проповед на Божјото име конечно нашле дома, односно во Македонија, каде заедно со својот брат свети Климент, светиот Наум започнал опширна мисија за евангелизација на народот по македонската земја. Со своето знаење и со своето духовно искуство, свети Наум целосно се посветил на учителската дејност и на подготовката на потребните кадри за свештеници, преведувачи и препишувачи. Подоцна се повлекол на најјужниот дел од брегот на Охридското Езеро, токму на местото каде што денес се наоѓа неговиот манастир. Таму поживеал живот исполнет со многу големи подвизи, собирајќи околу себе многубројно братство, кое примарно се занимавало со препишување на стари ракописи и, секако, со постојано служење на Бога и молење за новопросветениот народ. Откако добро Му послужил на Бога, овој голем светител од нашиот род се упокои во 910 година, преселувајќи се во Царството Божјо. Поради неговиот испосничко – подвижнички свет живот, Бог го прославил и го вброил меѓу Божјите угодници. Божјата благодат преку неговите молитви, преку неговото застапништво и преку неговиот свет гроб и денес се излива на секоја душа и на секој човек, кој пристапува со искрена вера.


 

Благочестиви христијани,

Традиционално секоја година од ова свето, возвишено и чисто место, прославувајќи ја храмовата слава ги испраќаме нашите молитви кон Бога и кон светиот Наум, заштитникот на манастирската обител и на овие прекрасни снежни простори. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на членовите на црковниот одбор при манастирот, кои несебично вложуваат напори и грижа во зачувувањето и разубувувањето на овој манастирски комплекс. Голема благодарност и до мојот собрат, Митрополитот Европски г. Пимен, кој благоизволи денес да биде со сите нас заедно и да посведочи дека светиот Наум ни е прекрасен пример, кој треба да го следиме.

Денес ние неговиот народ, мислам дека сè повеќе и повеќе, за жал се оддалечуваме од неговиот пример и од она што тој нè поучувал и поучува. Но, никогаш не е касно да се вратиме на вистинскиот пат за кој со својот живот и дело ни говори светиот Наум. На патот, кој нè води низ Светата Црква до Христа, Кој заради нас се вооплотил. Единствено на тој пат се случува спасителното очистување на нашето срце од страстите, просветлувањето на нашиот помрачен ум и конечно обожението на нашата душа. Во тој процес, возљубени, ние постепено треба да го надминеме гревовниот живот и неговите последици и да ја достигнеме светоста за која секој човек е повикан и го има потенцијалот во себе, но и благодатта на Бога. Светоста е тоа што навистина ни е потребно и суштински за нашиот живот. Затоа колку што можете трудете се постојано да се борите да ја здобиете – таа да ви стане примарна цел во вашиот живот.

Помошта од Деволскиот чудотворец ни е неопходно потребна за оставрување на таа од Бога дадена спасителна цел, која ќе нè одведе во прегратките на небесното Царство на светиите, кои од памтивек му благоугодат на Бога. Па затоа сите ние кои сме собрани на молитва во неговиот свет манастир, да се обратиме со искрена молитва да биде наш молитвеник пред престолот на Севишниот и да измоли милост Божја. А Бог да ја испрати Својата благодат врз нас, да можеме да го одиме земниот живот по тесниот, но спасоносен и вистински пат, којшто води во Царството небесно и животот вечен.

По молитвите на свети Наум, така нека биде. Амин!